fbpx

Инциденти на Крит на протести поради бегалската криза

-

Насилство и физички пресметки избија на Крит за време на два протести поради бегалската криза. Судирите се случија на критскиот град Ретимно, каде денеска имаа паралелни протести група ултрадесничари кои реагираат против идејата да се донесат бегалци на Крит и група поддржувачи на бегалците, кои сметаат дека треба да им се помогне и да се гарантира мирен соживот со бегалците на Крит.

Инцидентите почнаа кога група демонстранти од едниот протест физички нападнаа демонстрант од другата група. Во судирите интервентираше полицијата, која употреби солзавец за да ги смири и да разбрка толпите од двете страни.

Протестите се случуваа за време на седницата на градскиот совет, на која се разговара на Крит да се донесат 2.000-3.000 бегалци според планот на министерството за миграција. Критскиот градоначалник веќе има дадено зелено светло, а предлогот и на министертвото и на градскиот совет е бегалците што ќе бидат пренесени на Крит од другите острови и делови на државата да бидат сместени во изнајмени хотели и во приватни соби, без да се гради бегалски центар.

Покрај протестите на Крит, денеска протест ќе има и на островот Хиос, каде жителите реагираат поради големиот број бегалци и бегалскиот центар, кој и нема доволен капацитет за преголемиот број луѓе што се на островот. На Хиос реагираат и вработените во службите за азил кои стравуваат дека поради големиот број негативни одговори на барањата за азил, кои почнаа да се делат неодамна, може да дојде до инциденти во бегалскиот центар.

На Лезбос дојде до нов вознемирувачки инцидент. Малолетно 16-годишно момче од Пакистан, кое е во Грција без придружба на родители и старатели, било силувано од четворица негови врсници и сонародници. Момчето го пријавило нападот на волонтери во кампот Морија и било веднаш однесено на медицински испитувања, кои ја потврдиле веродостојноста на неговата пријава. Четворицата сторители се уапсени и ќе одговараат пред обвинител.

Во Грција има повеќе од 60.500 бегалци од кои речиси 14.000 се на островите во близина на Турција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...