Како EA Sports ги одредува атрибутите на играчите во FIFA?

kdhykdbau2nosj5dwnrlgs-650-80[1]

Рејтингот на играчите во FIFA отсекогаш е дискутабилен, особено меѓу самите играчи на фудбалската симулација. И да сте најголем FIFA фан, и да сте заколнат PES противник, барем еднаш гарантирано ви засметале бројките што ги оценуваат одделните атрибути на играчите, попознати како stats. EA Sports убедуваат дека сепак зад тие бројки се крие детална анализа, но бидејќи никој не им верува, ESPN реши конечно подетално да се позанимава со прашањето.

И испадна дека годишно, FIFA игрите обработуваат околу 5.4 милиони податоци – зборуваме само за нумеричките вредности околу атрибутите и вештините на фудбалерите. Од тие 5.4 милиони, сигурно ви пречи што Мичи Бачуаји од Челзи има 59 за додавање. А нему сигурно му пречи уште повеќе. Па, како EA Sports стигнува до конечните бројки при доделувањето на рејтинг статистики на над 18.000-те играчи во играта?

ESPN го праша Михаел Мулер-Моринг – човекот задолжен за надгледување на овие податоци. Тој открива дека оцените на играчите ги доставуваат 9-те илјади  „скаути“ ангажирани од EA Sports. Нивните оцени се чисто субјективни, а се темелат на следење на клубовите низ повеќе натпревари во текот на сезоната. Според Мулер, тоа е полегитимен метод отколку следење на реалните статистики, т.е. учинокот на секој од играчите во текот на сезоната.

„Статистиката во повеќето случаи не ги зема во предвид специфичните околности. Кога ќе го погледнете процентот на точни додавања, ако играте за Баерн Минхен или Манчестер Сити, ако вашиот состав е базиран на задржување на топката во посед, тогаш ќе имате повеќе точни додавања од другите играчи, но тоа не значи нужно дека додавате подобро од другите играчи“.

ESPN открива и дека голем удел врз оценките на фудбалерите имаат и лигите во кои ти играат. На пример, ако Меси игра во ирската лига, техничките атрибути би му опаднале бидејќи не игра фудбал на највисоко ниво. Од друга страна, физичките атрибути ќе му останат непроменети, бидејќи во секоја лига постојат слични профили на брзи/силни/балансирани играчи.

Општата оценка (наречена OVR, од overall) се добива врз основа на позицијата на играчот, па и ако некој има добри предиспозиции за одбранбен играч, се гледаат карактеристиките важни за позицијата која ја игра во реалноста.

Што се однесува до рејтингот на клубовите, тој се пресметува на посебен принцип, па во предвид ги зема 16-те играчи со најдобар рејтинг (OVR) во тимот. Се разбира, и таа оценка не е идеална и секогаш соодветна на вистинскиот одраз на силата на тимот, особено не во споредба со реалноста. На пример, Бастијан Швајнштајгер не игра за Манчестер Јунајтед по одлука на Мурињо, но неговиот рејтинг (83 OVR) сеедно е пресметан во просечната оценка на Ман. Јунајтед во FIFA 17.

- Реклама -